Укинувањето на мерките за борба против коронавирусот треба да се одвиваат постепено, а не нагло и предвремено.
Ако се укинат предвреме може да предизвика „фатално враќање“ на пандемијата, предупреди директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус. Деновиве и министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека се развива план за постепено враќање на нормалното живеење во земјава.
„Знам дека некои земји веќе се подготвуваат за излегување од изолацијата. СЗО, како и сите, сака да се укинат ограничувањата. Но, предвременото укинување на ограничувањата може да предизвикаат фатално враќање на пандемијата. Враќањето на пандемијата може да биде, исто така, смртоносно колку и неговото ширење, доколку недостасуваат потребните мерки“,
рече Гебрејсус.
СЗО разговара со заинтересираните земји за подготовка на стратегија за постепено и безбедно излегување од изолацијата и смета дека треба да бидат исполнети шест барања.
Потребно е да се контолира пренесувањето на вирусот, да се обезбеди јавноздравствена и медицинска поддршка, како и да се минимизира ризикот во изложената средина, како што се здравствените установи за долготрајно лекување.
Филипче рече дека веќе од следната седмица Владата ќе почне со подготовки за враќање на граѓаните и стопанството во вообичаениот животен тек, откако ќе бидат укинати рестриктивните мерки поради коронавирусот. Тој повтори дека е добро што продолжува линераниот раст на заразени, како охрабрување дека здравствениот систем ќе може да го издржи приливот на нови пациенти.
„Пред нас е првиот викенд со целосна забрана за движење на целата територија на државата. Верувам дека апсолутно сите граѓани ја разбираат потребата од вакви мерки. Знам дека е многу тешко да се остане дома на толку убаво време, ама ова се моменти кога треба да се покаже максимална одговорност “,
изјави Филипче.
Тој нагласи дека оваа состојба нема да трае вечно и дека нема да трае долго, доколку се придржуваме до мерките.
„Многу е битно што имаме линеарен пораст на бројот на пациенти. Се надеваме дека ќе успееме да го амортизираме ударот во смисла на бројка на пациенти што се примаат во болниците. Ние постојано ја следиме состојбата и во согласниост со тоа ги носиме одлуките. Веќе од почетокот на следната недела ќе почнеме да се подготвуваме за денот кога нашите животи постепено ќе почнат да се враќаат во нормала, кога ќе продолжи работниот процес во секоја компанија, ресторан, продавници“,
рече Филипче.