Амбасадорката на САД во НАТО, Џулијан Смит, ѝ се заблагодари на Северна Македонија што успеала да обезбеди над два процента од БДП за одбраната

Амбасадорката на САД во НАТО, Џулијан Смит, вели дека на Самитот на НАТО во јули во Вашингтон ќе се слави 75-годишнината на Алијансата, но и дека ќе се дискутира на повеќе различни теми.
Таа додава дека одредено време од разговорот ќе биде посветено на товарот што многу земји го понеле изминатава деценија за зголемување на трошоците за одбрана. Во тој контекст, ѝ се заблагодари и на Северна Македонија.
„Овде сакам навистина да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија. Ова е земја што донесе навистина тешки одлуки за да го достигне прагот од два проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија е сега над прагот, над два процента и ги поздравуваме тие напори и сите земји што го направија тоа“,
вели Смит во интервју за МИА.
Таа нагласи дека досега околу две третини од земјите членки издвојуваат над два процента од БДП за одбраната.
Смит посочува и дека нашата земја дала значителен придонес за украинските сили.
Во Вашингтон ќе се одлучува и кој ќе биде новиот генерален секретар на НАТО, кој ќе го наследи актуелниот вршител на должност Јенс Столтенберг. Алијансата во последните месеци разгледала две официјални кадидатури за позицијата – на холандскиот премиер во заминување Марк Руте и на романскиот претседател Клаус Јоханис, кои за да ја добијат позицијата треба да ги поддржат сите 32 земји членки.