Според Штериев, вкупниот промет на „Македонската берза“ заклучно со 15 септември изнесувал околу 89,8 милиони евра, што вели дека е околу осум отсто помалку од истиот период лани. Исто така, кажа и дека класичното тргување е намалено за 27 отсто, додека блок-трансакциите се зголемени за околу 159 отсто
Штериев смета дека е време и кај нас да се разговара за воведување на т.н. македонски инвестициски сметки со кој модел би можело да се поттикне долгорочното вложување и поголемото учество на граѓаните на пазарот на капитал

Еден од главните предизвици на „Македонската берза“ е проширувањето на понудата на пазарот на капитал со нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници, вели нејзиниот главен извршен директор Иван Штериев.
Според Штериев, вкупниот промет на „Македонската берза“ заклучно со 15 септември изнесувал околу 89,8 милиони евра, што вели дека е околу осум отсто помалку од истиот период лани. Исто така, кажа и дека класичното тргување е намалено за 27 отсто, додека блок-трансакциите се зголемени за околу 159 отсто.
Штериев вели и дека Македонскиот берзански индекс (МБИ)10 на 15 септември изнесувал 9 151 поен, што е за 8,9 отсто помалку во однос на крајот на 2025 година.
„На плиток пазар, како нашиот, со мал број активни учесници, и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат“,
рече Штериев на 25. јубилејна Годишна конференција на Берзата што се одржува во Охрид по повод 30 години од нејзиното основање.
Штериев посочи дека главни ограничувања се тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори, додека домашните инвеститори имаат сè поширок избор на странските берзи.
Како една од конкретните активности за проширување на понудата го посочи проектот со ЕБОР за подготовка на домашните компании за пазарно финансирање.
„За десет места се пријавени повеќе од 20 компании. Финалната селекција ќе се направи набрзо. Останува да се надеваме дека од оваа прва група компании ќе произлезе некоја што ќе каже: подготвени сме да ја отвориме и вратата на пазарот на капиталот“,
истакна Штериев.
„Македонската берза“, рече Штериев, со уште седум берзи од регионот подготвува регионален ЕТФ, во кој ќе бидат вклучени и македонски акции. Лансирањето е планирано за втората половина на 2027 година.
Штериев изнесе податоци и за зголемено вложување на домашните инвеститори во странски хартии од вредност, посочувајќи дека минатата година прометот во странство, преку домашните членки, надминал 110 милиони евра, а во првите шест месеци годинава надминал 89 милиони евра.
Затоа тој смета дека е време и кај нас да се разговара за воведување на т.н. македонски инвестициски сметки со кој модел би можело да се поттикне долгорочното вложување и поголемото учество на граѓаните на пазарот на капитал.
Тој ја нагласи и потребата од започнување на примената на новата законска регулатива усогласена со европските правила, како и тесна координација со Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Бујаре Абази, нагласи дека најважен капитал е довербата во пазарот и дека е неопходно активирање на пасивните заштеди на граѓаните и компаниите.
„Пазарот на капитал не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како негово дополнување, особено за финансирање поризични и иновативни проекти“,
рече Абази.

Таа додаде дека усогласувањето со ЕУ-регулативите мора да донесе попропорционални и појасни правила, а не дополнителен административен товар.
И Абази предупреди дека домашните инвеститори во последно време повеќе ги преферираат странските пазари и оти треба да се работи на нивно задржување, враќање на оние што заминале и привлекување нови инвеститори.
„Целта не треба да биде само пазар што функционира. Нашата амбиција мора да биде пазар што расте. Пазар што ги претвора заштедите во инвестиции, регулативата во доверба, а довербата во развој“,
порача Абази.
