Венко Филипче го повика владејачкото мнозинство во парламентот да го поддржи предлог-законот, оценувајќи дека станува збор за опстанокот на илјадници семејства, а не за политичка разлика меѓу власта и опозицијата. Со овие средства, вели тој, земјоделците ќе можат да ги планираат следните чекори и производството за 2027 година
Пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на социјалдемократите во Собранието ќе поднесе предлог-закон за директна финансиска поддршка за земјоделците кои, како што оцени, се разочарани бидејќи власта не им обрнува никакво внимание. Понатаму, вели тој, се соочени со слаб откуп на земјоделските производи, а и малата количина производи што им се откупени се со мизерно ниски цени.

„Во разговор со нив и врз основа на нивните реални потреби и на тоа што навистина сакаат да го видат како поддршка, пратеничката група на СДСМ денес ќе поднесе предлог-закон за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза во 2026 година врз производството и откупот на земјоделските производи“,
изјави пратеникот и лидер на СДСМ на денешната прес-конференција во Собранието.
Со измените што ги предлага СДСМ се предвидува лозарите да добијат финансиска поддршка од осум денари за секој килограм произведено и продадено грозје од сортите вранец и картоши, a за лозарите кои нема да успеат да го продадат грозјето – финансиска поддршка од 300 000 денари по хектар евидентиран лозов насад.
За производителите на ајварката се предлага поддршка од 10 денари за секој килограм продадена пиперка, како и дополнителни 200 000 денари за хектар евидентирана засадена површина. Производителите на пченица, пак, СДСМ предлага да добиваат по пет денари за секој произведен килограм, без разлика дали пченицата е продадена кај регистриран откупувач или е складирана во евидентиран склад.
„За сточарите се предвидува поддршка од 8 000 денари за секое грло добиток, за оние кои биле опфатени со програмата за 2025 година и се евидентирани и во 2026 година. Со законот се опфатени и оризопроизводителите, за кои се предлага поддршка од 10 денари за секој килограм произведена и продадена оризова арпа кај регистриран откупувач во 2026 година. Корисници на финансиската поддршка ќе бидат и земјоделските стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства“,
додаде тој на денешната прес-конференција.
Филипче го повика владејачкото мнозинство во парламентот да го поддржи предлог-законот, оценувајќи дека станува збор за опстанокот на илјадници семејства, а не за политичка разлика меѓу власта и опозицијата. Со овие средства, вели тој, земјоделците ќе можат да ги планираат следните чекори и производството за 2027 година.
„Ако не реагираме веднаш, земјоделците ќе ги напуштат нивите, а државата ќе се соочи со пусти ниви, пусти села и градови, недостиг од домашна храна и поскап увоз“,
додаде лидерот на СДСМ.
