Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, очекува двете страни да дојдат добро подготвени и целосно посветени на фазата на имплементација

На средбата помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 2 мај во Брисел се очекува да биде презентиран првиот нацрт-статут на Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово, како и да се усвои Декларација за исчезнатите лица.
Очекувањата за средбата, која ќе биде прва по состанокот во Охрид на 18 март, на социјалните мрежи ги објави специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Тој на Фејсбук напиша дека на дневен ред на средбата помеѓу Вучиќ и Курти на 2 мај во Брисел ќе бидат и актуелни прашања што треба под итно да се разгледаат.
„Како прв состанок по Охрид, средбата ќе биде важна за имплементација на Договорот и неговиот анекс. На дневен ред ќе бидат формално усвојување на Декларацијата за исчезнати лица, презентација на првиот нацрт-статут на Здружението/Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово од страна на менаџерскиот тим и актуелни прашања што треба итно да се разгледаат“,
напиша Лајчак.
Словачкиот дипломат додаде дека ЕУ затоа очекува дека двете страни во Брисел да дојдат добро подготвени и целосно посветени на фазата на имплементација.
Лајчак ваквата агенда за следната рунда од дијалогот меѓу Вучиќ и Курти ја објави веднаш по синоќешното објавување на прелиминарните резултати од вонредните локални избори во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите.
Исти очекувања како Лајчак има и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој претходно изјави дека очекува до 2 мај владата во Приштина да излезе со предлог за Заедницата на општини со мнозинско српско население.