Негативни се резултатите за коронавирус и на последните четворица здравствени работници на Инфективното одделение во штипската болница, кои се чекаа неколку дена за да пристигнат.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, за МИА изјави дека од Инфективното одделение тестирани се вкупно 14 медицински лица, од кои две лекарки, осум медицински сестри и четворица болничари.
Позитивни на корона вирус се вкупно тројца вработени од ова одделение – двајца болничари и една медицинска сестра, додека за останатите 11 вработени тестовите покажаа дека се негативни на ковид-19.
Поради дополнителните прегледи и анализи на 80-годишната жена, која со два негативни теста и дијагноза на бронхопневмонија е примена во болница, се тестираше и еден лекар специјалист од друго одделение, а резултатите покажаа дека е позитивен на коронавирус.
На Инфективното одделение се хоспитализирани вкупно 13 пациенти, од кои девет се лекуваат од коронавирус, а останатите четворица се сомнителни и за нив се чекаат резултатите од тестовите.