Не знаеме што ќе донесе иднината. Затоа мора да ја искористиме можноста, треба да бараме начини како да одиме напред. А, тоа значи политички дискусии. Јас ќе се обидам да направам се за да се спречат барања на билатерална основа, но не постои осигурување, рече министерот Липавски одговарајќи на новинарско прашање дали има гаранции дека уставните измени нема да бидат последен услов
По неколкучасовни средби со претставници на власта и опозицијата во земјава, министерската тројка во „Славков“ формат – Шаленберг, Липавски и Влаховски, го потенцираа заклучокот дека Северна Македонија треба да го искористи моментот за откочување на евроинтегративниот процес на земјата. Свесни се, како што рекоа, за сензитивноста во процесот на уставните измени, но не постои начин тоа да се избегне, посочија министрите на попладневната прес-конференција. Тие одбија да споделат детали од разговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ која не сака да ги поддржи уставните измени, со образложение дека ќе станат дел од политичката дебата.
„Дојдовме тука да добиеме впечаток од прва рака и имавме пораки кои требаше да ги пренесеме. Ќе ги известиме нашите партнери од ЕУ и високиот претставник, овде не сме да се мешаме. Ако го кажеме секој детал ќе биде контрапродуктивно, бидејќи ќе станеме дел од дебатата, а сакаме да сме дел од решението“
рече Шаленберг.
На прашањето за гаранции дека уставните измени нема да бидат последен услов, Липавски рече дека тој лично ќе се заложи да се спречат дополнителни барања на билатерална основа.
„Јасно е дека проширувањето на ЕУ бара консензус од сите земји членки, така што никој не може да го исклучи влијанието од домашната политика. Ова е реалноста. Меѓутоа мора да разбереме дека постои многу наклонета атмосфера во ЕУ кон проширувањето, а не постоеше пред две години. Не знаеме што ќе донесе иднината. Затоа мора да ја искористиме можноста, треба да бараме начини како да одиме напред. А, тоа значи политички дискусии. Јас ќе се обидам да направам се за да се спречат барања на билатерална основа, но не постои осигурување“
потенцира Липавски.

Тројцата претставници на ЕУ испратија порака дека решението треба да биде национален консензус. Ги повикаа сите пратеници да ги надминат партиските интереси.
„Треба да се искористи овој момент да не се пропушти бидејќи нема алтернатива да се напредува во интеграцијата. На состаноците ги истакнавме овие прашања и ако се закажат рани избори тоа ќе биде контрапродуктивно. Сите лидери треба да постигнат консензус по овие прашања“
рече Влаховски.