Во конкретни случаи покрај изречената глоба се предвидува и одземање на возилото. Ова е предвидено доколку биде затекнато малолетно лице како управува електричен тротинет, потоа ако е пречекорена дозволената брзина, ако на тротинетот се превезува и друго лице, како и возење под дејство на алкохол
Измените на Законот беа донесени со двојно мнозинство, односно од пратениците во Собранието „за“ гласаа 64 пратеници, додека според Бадентер, поддршка дадоа 17 пратеници што припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државата
Собранието денеска во рамките на продолжението на 106. седница ги донесе измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои се регулира управувањето електрични тротинети во јавниот сообраќај или, како што се дефинирани во законот, „лесни електрични возила“.

Измените на Законот, кои пред еден недела, односно на 24 јуни, беа предложени од група пратенции од владејачкото мнозинство, беа донесени со двојно мнозинство. Од вкупно 64 пратеници во пленарната сала, поддршка на измените дадоа сите 64.
„Ве известувам дека врз основа на точка 2 од амандманот X од Уставот на Македонија и член 11 став 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците овој закон се донесува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има и двојно мнозинство, односно мнозинство од оние пратеници коишто припаѓаат на заедниците коишто не се мнозинство во државата“,
рече потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, кој ја водеше седницата.
По гласањето според Бадентеровиот принцип, законот беше усвоен со 17 гласа „за“ од исто толку пратеници кои гласаа за измените на Законот од немнозинските заедници.
Дека ќе се регулира управувањето тротинети во сообраќајот првично кон средината на мај најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по неколку случаи во кои настрадаа малолетни лица кои управувале со ваков тип превозни средства.
Формално предлог-измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на ова прашање, на дневен ред на 106. седница беа ставени во средата минатата недела, по скратена постапка.
„Бројките се алармантни – десетици загинати и стотици тешко повредени во сообраќајни незгоди во изминатите две години. Целта не е казнување, туку заштита на животите, особено на младите. Безбедноста нема цена. Повеќе ред на улиците значи помалку несреќи и посигурна иднина за сите учесници во сообраќајот“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, образложувајќи ги тогаш предлог-измените на Законот.
Повикувајќи се на анализите на МВР, тој рече дека во повеќе од половина несреќи со електрични тротинети, тие биле управувани од лица на 16 и 17-годишна возраст. Пратеникот остави простор за идни измени на Законот во согласност со анализите што ќе произлезат од ефектите на овој Закон.
Инаку, со донесувањето на измените, максималната брзина на електричните тротинети сега е ограничена на 20 километри на час, наместо досегашните 25.
На лицата под 18 години целосно им се забранува управувањето со електричен тротинет, а се заострува казнената политика за сторителите на прекршоците предвидени во Законот.
„Се врши суштинска интервенција во однос на дозволената брзина со која се движат лесните електрични возила, односно се предвидува максимална брзина од 20 километри на час, согласно препораките на Европската Унија во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип возила. Со цел намалување на констатираните прекршоци сторени со електрични тротинети, се предвидува и заострување на условите под кои може да се управува ваков вид на возило (се зголемува старосната граница, односно се предвидува минимална возраст од 18 години за управување со овие возила) и се заострува казнената политика за сторителите на прекршоците“,
се наведува во образложението на Законот.
Во конкретни случаи покрај изречената глоба се предвидува и одземање на возилото. Ова е предвидено, доколку како управува електричен тротинет биде затекнато малолетно лице, потоа ако е пречекорена дозволената брзина, ако на тротинетот се превезува и друго лице, како и возење под дејство на алкохол.
Освен првата, останатите прекршочни одредби кои повлекуваат одземање на електричен тротинет се однесуваат на лицата кои имаат 18 или се над оваа возрасна граница, но со измените им се воведуваат обврски за управувањето со овој вид превозни средства во сообраќајот.
„Возачот на лесно електрично возило не смее да управува со возилото на начин на кој се намалува стабилноста на возилото и ја попречува или загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да вози на едно тркало, да превезува, да влече или турка предмети и слично… Возачот на лесно електрично возило не смее да превезува други лица, односно не смеат да се превезуваат други лица за време на управувањето со возилото… Возач на лесно електрично возило не смее да управува со возилото во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возилото ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност“,
се наведува во дел од одредбите што сега влегуваат во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
