Во американската престолнина денеска се одржува марш против насилството на полицијата кон Афроамериканците.
Маршот денеска е наречен „Тргни го коленото од врат“, што асоцира на околностите при кои почина Џорџ Флојд во мај во Минесота, а неговата смрт стана симбол на многубројните фатални исходи за Афроамериканци при приведување од полицијата во САД.
Неделава се случи уште еден сличен настан, кога полицаец стрелаше во Џејкоб Блејк, 29- годишен Афроамериканец од Кеноша, Висконсин, кој остана парализиран, а настанот предизвика протести во градот со немири и запалени возила и објекти.
Денешниот марш е на 57-годишнината од историскиот марш на Вашингтон за борба за работни места и слобода, кога Мартин Лутер Кинг –помладиот, го одржа познатиот говор „Имам сон“.
Настанот во Вашингтон започна на скалите на Меморијалот Линколн, демонстрантите потоа ќе продолжат со марш кон Меморијалот Мартин Лутер Кинг-помладиот.
Како говорници ќе настапат законодавачи и роднини на луѓе кои загинале од полициско насилство. На него виртуелно обраќање имаше и сенаторката и кандидатка за потпретседател на Демократите, Камала Харис.
Настанот е организиран од Националната мрежа на активисти како пасторот Ал Шарптон, Мартин Лутер Кинг Трети и други организации, како НААЦП, најстарата организација за човекови права во САД, Федерацијата од Американци од шпанско говорно подрачје, Националната градска лига и други групи за заштита на човековите права.
Поради актуелната пандемија на ковид-19, на сите кои доаѓаат им се мери температурата, а се поставени и 200 точки за дезинфекција на раце, а сите учесници мора да носат маски.