Две лица загинаа, а едно е повредено за време на немирите во градот Кеноша во американската држава Висконсин, кои траат веќе трета ноќ откако полицијата го рани Афроамериканецот Џејкоб Блејк.

Во тек е истрага, а според соопштението на локалната полиција, сите три лица биле погодени од огнено оружје, додека други детали, вклучувајќи ги идентитетите на загинатите и другите учесници во инцидентот, сè уште не се познати.

Демонстрантите се собираат на улиците на градот во изминатите три дена во знак на протест поради ранувањето на Блејк игнорирајќи го полицискиот час. Протестите повремено се насилни.

Според локалните медиуми, се претпоставува дека престрелката се случила во судир меѓу група демонстранти и вооружени лица што обезбедувале бензинска пумпа.
Во Висконсин е прогласена вонредна состојба.
Блејк (29) беше застрелан во неделата, додека бил во автомобилот со неговите деца. Тој бил повреден во стомакот и раката, имал повреди на бубрезите и црниот дроб.

Неговите адвокати изјавија дека докторите рекле дека Блејк е парализиран.
Полицијата соопшти дека реагирала на пријава за домашно насилство, но нема други детали за настанот. Нема информации за тоа кој ја повикал полицијата, колку полицајци имало во патролата и што се случувало пред пукањето.
Во видеото од инцидентот се гледа како Блејк ја отвора вратата од автомобилот, при што еден од полицајците го зграпчува и се слуша пукање. На видеото се слушаат седум истрели, и врисоци од очевидците.
Инцидентот во Висконсин се случува во време на дебата за третманот на Афроамериканците од страна на полицијата и за расизмот, по убиството на Џорџ Флојд во мај во Минесота, што беше причина за големи протести низ САД и во светот под мотото „Животите на црнците вредат“, што прерасна во глобално движење против расизмот и полициската бруталност.