Ако се погледнат камерите на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, може да се види каква е состојбата на граничните премини за излез од земјата, како и за колку време возилата ги поминуваат граничните премини од македонска страна

Четири колони возила утринава чекаат за влез во Грција преку граничниот премин „Богородица“. Според информациите од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), за влез и излез од земјава на овој граничен премин се чека по околу 40 минути. Слична е ситуацијата и на граничниот премин „Табановце“ каде што и таму времето на чекање за влез и излез од земјава е по 40 минути.
Ако се погледнат камерите на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, може да се види каква е состојбата на граничните премини за излез од земјата, како и за колку време возилата ги поминуваат граничните премини од македонска страна.
Според камерите, најголем е метежот за излез од земјава на граничниот премин „Богородица“, додека на другите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Па, така на „Меџитлија“ и „Дојран“ поминувањето кон Грција е многу побрзо.
За од утре, според информациите, поради летните одмори, се очекува зголемен интензитет на сообраќај на граничните премини, но и на патарините.
Од АМСМ за денеска велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози и оти тој е зголемен надвор од градските средини.
Оттаму потсетуваат дека од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава воведен е летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините кога важи забраната се во петок од 17 до 22 часот, сабота од 09 до 18 и недела од 09 до 22 часот.
На патот Скопје-Охрид-Скопје, за време на викендите, се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони.