Тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување поради тоа што на една судијка во ноември 2018 година намерно не ѝ определил додаток на плата од 35 отсто, за разлика од останатите нејзини колеги
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, на 25 септември треба да седне на обвинителна клупа во Кривичниот суд, како обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, објави „Фокус“ повикувајќи се на потврда од Кривичниот суд.
Обвинителството во јули соопшти дека против Вангеловски е поднесено обвинение поради тоа што на една судијка намерно во ноември 2018 година не ѝ определил додаток на плата од 35 отсто, за разлика од останатите нејзини колеги.
Тој се гони за кривичното дело – злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Вангеловски од функцијата судија и претседател на судот официјално беше разрешен во март поради несовесно вршење на функцијата, односно поради укинување на притворот на бизнисмен Сеад Кочан во 2017 година, додека тој беше во бегство.