ССМ на 1 Мај излегува на протест да бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, да бара зголемување на сите останати плати за 100 евра, да бара почитување на колективните договори и зголемување на сите платите на работниците
На 1 Мај ќе протестираме за повисоки плати, рече на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најавувајќи го утрешниот протестот што ќе се одржи во 11 часот, со маршрута на движење од Работничкиот дом, преку Собранието и Стопанската комора до Владата.

„На 1 Мај во 1886 година работниците излегле на демонстрации и се бореле за осумчасовно работно време. Нешто што денес во Македонија го немаме“,
рече тој.
Според него, ССМ на 1 Мај излегува на протест да бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, да бара зголемување на сите останати плати за 100 евра, да бара почитување на колективните договори и зголемување на сите платите на работниците.
„Нашите барања не се од денеска, не започнаа вчера и нема да завршат утре. Протестот е начин на 1 Мај да изразиме незадоволство од висината на платите што ги примаат работниците во Македонија, кое се најниски во регионот и пошироко“,
вели првиот човек на ССМ.
ССМ ги повикува сите што му мислат на работникот да се приклучат на работничкиот протест.
„Синдикатите во Македонија имаат многу причини да излезат и да протестираат, а не да прославуваат. Имаме можност да покажеме дека сме тука за работниците“,
кажа Трендафилов.
Одговарајќи на новинарско прашање дали работниците утре на протестот ќе добијат сендвичи, Трендафилов одговори дека кога работодавачите и Владата ќе ги зголемат платите, работниците ќе можат да си купат и сендвичи.
„Тоа што ние го бараме е работниците да можат да изберат не само сендвич, туку и далеку повеќе работи за нивните семејства“,
вели тој.
Трендафилов обвини и дека дел од синдикатите соработуваат со власта.
„За жал, само синдикалци може да направат штета на работниците и кога поддржуваат владини политики, секогаш е на штета на работниците. Тоа што го забораваат да го кажат колегите од другите синдикати, е дека прифаќаат далеку помали износи предвидено со закон и со Колективен договор, а ССМ нема да дозволи ниту еден работник да пати за зголемување на платите“,
додаде тој.
Првиот човек на ССМ, одговарајќи на новинарско прашање за истекување на замрзнувањето на маржите, рече дека тие дале половичен резултат.
„За новите владини мерки ќе зборуваме на 2 мај. Утре ќе бараме зголемување на нашите плати за да можеме да си ги дозволиме и ваквите цени во маркетите. Се покажа дека трговците се алчни и дека на грбот на работниците создаваат огромен капитал“,
вели тој.
Посочи дека и во иднина ќе преземата мерки што им се на располагање, а кои и во минатото ја поттикнале Владата да носи мерки што ќе траат и на подолг рок.