Вакцини против сезонски грип има за сите, тврдат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека годинава се набавени 40 000 вакцини и дека секој петок се отвораат термините за вакцинација за наредната недела.
„По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде што физичка и временска дистанца меѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор,
нагласуваат од Министерството за здравство во изјава за МИА.
Вакцините, како што посочуваат, се бесплатни за ризичните групи: лица постари од 65-годишна возраст, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до пет години, хронично болни лица, како и за здравствени работници во соодветни термини обезбедени за секоја категорија поединечно, со што ќе се задоволат потребите за имунизација на општото население.
Инаку, откако почна вакцинацијата во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје, за само неколку часа се потрошија околу 2 000 вакцини против сезонски грип.
Директорот на ЦЈЗ-Скопје, Александар Стојанов, најави дека се очекува да им бидат испорачани уште 2 000 вакцини, а кога ќе ги добијат рече дека зависи од дистрибутерот „Елбиор“. Тој напомена дека овие вакцини се однесуваат само за Скопје, бидејќи се набавени преку Центарот за јавно здравје-Скопје.