Од Министерството тврдат дека во моментов во земјава има доволно вакцини против ковид-19 за претстојниот период
За денеска е најавено пристигнување на 110 612 вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“ преку механизмот Ковакс
Националниот комитет за имунизација ги следи сите истражувања за новите вакцини, меѓу кои е и вакцината на француската компанија „Санофи“, велат од Министерството за здравство.
Во изјава за МИА истакнуваат дека во моментов во земјава има доволно вакцини против ковид-19 за претстојниот период.
За денеска е најавено пристигнување на 110 612 вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“ преку механизмот Ковакс, преку кој до крајот на годината е најавена испорака на уште 100 000 вакцини. Овие вакцини се препорачуваат и за имунизација на деца над 12 години, а ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум земјата.
Кај нас се аплицираат „Фајзер“, „Астра Зенека“, „Спутник В“, „Синофарм“ и „Синовак“.
Во меѓувреме, МЗ соопшти дека процесот на вакцинација се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 776 659 граѓани. Вчера, од вкупно вакцинирани 12 099 граѓани, со прва доза се вакцинирани 2 969 лица.
Ревакцинирани или со примени две дози се 697 847 граѓани.
Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години има примено барем една доза вакцина и 31 отсто од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постојните вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
Во тек е набавка и на вакцини за сезонски грип. Според МЗ, предвидено е да се набават 40 000 дози на четиривалентни вакцини.