Во изминатите 24 часа преку Институтот за јавно здравје регистрирани се 21 излекуван пациент, и тоа: 16 од Скопје, 3 од Куманово и 2 од Штип, сите што се лекувале во домашни услови.

Со ова до денеска, бројката на излекувани пациенти во земјата изнесува 200, од вкупно досега заразени 1 225, од кои 54 починаа, а 971 се активни случаи, соопшти Министерството за здравство.
*Поврзана вест
За 24 часа: Три смртни случаи и 18 новозаболени од ковид-19, направени се 263 теста
Во болниците во Скопје (Инфективна клиника и ГОБ „8 Септември“), Битола и Штип вкупно се лекуваат 109 пациенти. Од нив 18 се новопримени. Според Министерството за здравство, 9 од вкупно хоспитализираните лица се на респираторна машина.
На Клиниката за инфективни болести во Скопје примени се три нови пациенти од Скопје, Струга и Прилеп со средно-тешка и тешка состојба. Со тоа, вкупно на оваа Клиника има 56 лица, од кои 18 се на кислородна поддршка, а 3 се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 15 нови пациенти. Пациенти за кои има сомневања дека се заразени, а кои добија негативен резултат се префрлени на други оддели, па во моментов на одделот за ковид се хоспитализирани 34 потврдени и сомнителни пациенти. Со потешка клиничка слика се 9 пациенти, а 6 се на респираторна машина.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 14 пациенти кои се потврдени и сомнителни на ковид-19, а на домашно лекување се следат уште 15 пациенти.
Во штипската болница во моментов се лекуваат 5 позитивни пациенти на ковид, сите во стабилна состојба, а на домашно лекување се следат 19 пациенти.