По добиената пријава од Ф.Х. и Д.Х., раководни лица во М-НАВ за испратени закани по меил од страна на А.Т., извршена е консултација со јавен обвинител, по што е направен записник за примање пријава. На 3 јануари 2024 со покана е повикан А.Т. и со него е извршен службен разговор. Напоменуваме дека лицето не е лишено од слобода туку е извршен службен разговор со цел расчистување на случајот, велат од МВР
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, не беше лишен од слобода, туку со него беше извршен службен разговор по добиена пријава за закани, реагираат од Министерството за внатрешни работи по објавите во медиумите дека Тасевски вчера бил приведен во полиција откако против него имало пријава од раководни лица во М-НАВ дека им се заканувал.
„Во врска со дезинформациите кои се пласираат во одредени портали во врска со извршениот службен разговор со А. Т., вработен во М-НАВ, ја информираме јавноста дека Министерството за внатрешни работи постапува како и секогаш, согласно законските обврски. Секогаш кога ќе биде поднесена пријава од граѓанин за заканување или заплашување, МВР го поканува лицето против кое е поднесена пријава за да се изврши службен разговор. Тоа е направено и во конкретниот случај. По добиената пријава од Ф. Х. и Д. Х., раководни лица во М-НАВ за испратени закани по меил од страна на А. Т., извршена е консултација со јавен обвинител, по што е направен записник за примање пријава. На 3 јануари 2024 г. со покана е повикан А. Т. и со него е извршен службен разговор. Напоменуваме дека лицето не е лишено од слобода, туку е извршен службен разговор со цел расчистување на случајот. По документирање на случајот, до ОЈО ќе биде доставен соодветен поднесок за нивно натамошно постапување“,
соопштија од МВР.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, вчера бил повикан во полиција да даде изјава откако лица од раководството на македонската навигација поднело пријава дека Тасевски им упатил закани, поради што почувствувале дека им е загрозена безбедноста. Информацијата за Телма ја потврди самиот Тасевски, кој најавил дека повеќе информации ќе изнесе денеска на прес-конференција.
Тасевски за Телма објаснил дека пријавата била поднесена поради преписка преку електронска пошта, за која тврди дека била извадена од контекст, а со која можело да се врши притисок врз претседателот на синдикатот.
Синдикатот на контролорите на летање неколку пати досега обвини дека во македонската авијација се вработуваат несоодветни кадри. Ден пред новата година, на 30 декември, еден од тројцата директори на М-НАВ, Љубе Стаменковски, и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника во оваа институција.
Извршниот директор Фахрудин Хамиди изјавил дека законите не се прекршени и дека кандидатите се примени на работа според истите услови како и претходните огласи.