Тасевски за Телма објаснил дека пријавата била поднесена поради преписка преку електронска пошта, за која тврди дека била извадена од контекст, а со која можело да се врши притисок врз претседателот на синдикатот
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, денеска бил повикан во полиција да даде изјава откако лица од раководството на македонската навигација поднело пријава дека Тасевски им упатил закани поради што почувствувале дека им е загрозена безбедноста. Информацијата за Телма ја потврдил самиот Тасевски кој најавил дека повеќее информации ќе изнесе утре на прес-конференција.
Тасевски за Телма објаснил дека пријавата била поднесена поради преписка преку електронска пошта, за која тврди дека била извадена од контекст, а со која можело да се врши притисок врз претседателот на синдикатот.
Синдикатот на контролорите на летање неколку пати досега обвини дека во македонската авијација се вработуваат несоодветни кадри. Ден пред новата година, на 30 декември, еден од тројцата директори на М-НАВ, Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника во оваа институција.
Извршниот директор Фахрудин Хамиди изјавил дека законите не се прекршени и дека кандидатите се примени на работа според истите услови како и претходните огласи.