Кампањата неодамна ја најави министерот Панче Тошковски кој и лично апелираше до граѓаните навреме да ги променат возачките со старото уставно име на државата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска преку писмено соопштение апелира граѓаните што сè уште имаат возачки дозволи со старото уставно име на државата навреме да ги заменат со нови. Старите возачки се со важност до 31 декември годинава, кога истекува и рокот за нивна замена.

„Сите капацитети на Министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024, без никакво доцнење и метежи“,
посочуваат од МВР.
Со ова МВР ја започнува апел-кампањата со која ги повикува граѓаните на обнова на возачките дозволи, која неодамна ја најави министерот Панче Тошковски. Тој тогаш информираше дека досега се издадени околу 750 илјади возачки дозволи, а потребно е да се реиздадат уште околу еден милион дозволи со новото име.
