И покрај тоа што ова лето бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти на Табановце, времето на чекање е значително намалено. Истото го овозможивме и на Блаце – Елез Хан, а со пуштањето во употреба на системот на Јажинце – Глобочица ја заокруживме имплементацијата на заедничките контроли со Република Косово, информира МВР
Заедничките гранични контроли „One Stop“ веќе функционираат на граничните премини со Србија и со Косово, а со потпишувањето на договорот со Република Албанија ќе се заокружи процесот на воспоставување на овој современ систем со сите соседи кои не се дел од Шенген-зоната, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР информираат дека веќе е намалено времето на чекање на граничните премини каде што е во сила овој систем.
„Веќе ги гледаме резултатите. На ‘Табановце’, и покрај тоа што ова лето бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти, времето на чекање е значително намалено. Истото го овозможивме и на ‘Блаце’ – Елез Хан, а со пуштањето во употреба на системот на Јажинце – Глобочица ја заокруживме имплементацијата на заедничките контроли со Република Косово“,
велат од МВР.
Со имплементацијата на системот „One Stop“, граѓаните добиваат едно застанување, една гранична контрола и значително пократко време на чекање, а државите добиваат поефикасно управување со границите, поголема безбедност, повеќе трговија, туризам и регионална поврзаност.

Од МВР потенцираат дека не станува збор само за инфраструктурен или административен проект, туку инвестиција во побрза комуникација меѓу луѓето, посилна економска соработка, поголема мобилност и уште побезбедни граници.
„Потпишаниот договор со Република Албанија е следниот важен чекор. Наскоро и таму ќе воспоставиме ‘One Stop’ систем, со што Македонија ќе стане една од првите земји во регионот што ќе има ваков модел на заеднички гранични проверки со сите соседни држави надвор од Шенген-зоната“,
додаваат од МВР.
Воведувањето на системот „One Stop Shop“ најпрво ќе започне на граничниот премин „Ќафасан“, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија.
На 16 јуни Владата соопшти дека го изгласала пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Република Албанија. Потребата од вакво решение, како што велат, најдобро ја потврдува фреквенцијата на патници на граничните премини со Република Албанија. Во текот на 2025 година, на овие гранични премини биле регистрирани вкупно 4 581 724 патници, од кои дури 2 318 080 на граничниот премин „Ќафасан“.
