Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и началникот на секторот за внатрешни работи од Куманово, Антон Витков, денеска предадоа заштитна опрема наменета за општата болница во Куманово која се состои од заштитни костуми, визири, ракавици и маски кои министерството за внатрешни работи ги доби од Словенија и Унгарија.
„Денеска е Светски ден на здравјето и во таа насока со оваа донација сакаме да дадеме поддршка на докторите и сите здравствени лица во извршување на своите секојдневни обврски и задачи. Во име на Министерството за внатрешни работи сакам да изразам огромна благодарност и почит до лицата во бели мантили кои со својата посветеност и пожртвуваност секојдневно спасуваат многу човечки животи. Свесни сме за ризикот на кој тие се изложени секојдневно, но и нивната важност и значајност во овој момент и во таа насока и во иднина со сите расположливи капацитети ќе им бидеме од целосна помош и поддршка. Меѓусебната и меѓуинституционална поддршка е клучна во време во кое сите водиме тешка битка со невидлив непријател“,
истакна министерот Чулев при предавањето на донацијата.
Директорката на Општата болница Куманово, Снежана Захариева изрази благодарност за донацијата која, како што рече, доаѓа во вистински момент кога здравствените работници секојдневно ги водат најтешките битки.