Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, се наведува во информацијата од МВР
Дојави за наводно поставени експлозивни направи утрово пристигнале на електронските адреси на 31 училиште во Скопје, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Полициските службеници веднаш по добиените пријави излегле на терен и во тек се антитерористички проверки.
„Денеска (01.03.2023) до 08.20 часот во МВР било пријавено дека на електронските адреси на 31 училиште во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“,
се наведува во информацијата од МВР.
Оттаму не посочуваат за кои училишта станува збор, но според информациите на „360 степени“ дојави се пристигнати на електронските адреси на школи во општините Центар, Аеродром, Карпош и Кисела Вода.
Денешните дојави неофицијално пристигнале во гимназиите Никола Карав, Орце Николов, Јосип Броз Тито, Раде Јовчевски Корчагин, како и во основните училишта Гоце Делчев и Христијна Тодоровски Карпош.
Заканите за наводно поставени бомби пристигнале уште за време на првите училишни часови.
Министерството за образование и наука им препорача на училиштата кога ќе добијат закана за бомба да организираат онлајн настава наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден.
За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во своите домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата.
Ова е трет ден по ред како дојави за бомби пристигнуваат на електронските адреси на училишта. Вчера вкупната бројка на пристигнати дојави по завршувањето на проверките од МВР изнесуваше 45, иако првичната информација беше дека станува збор за 39 школи. Сите закани беа испратени на електронските адреси на училишта во главниот град, од кои 23 средни и 22 основни. По направените антитерористички проверки беше утврдено дека станува збор за лажни закани.