ДУИ не може да им прости на Албанците што ја пратија во опозиција, па сега им се одмаздува со блокирање на Законот за правична застапеност, велат од владејачката Влен

Нарекувајќи ги „вечни фотелјаши“, владејачката Влен реагира што ДУИ го блокираат Законот за правична застапеност во парламентот. Оттаму велат дека ДУИ не може да им прости на Албанците оти ги испратиле во опозиција.
„Недемократската унија за дезинтеграција (ДУИ) не ја брани албанската кауза, туку ја држи во заложништво. Логиката им е проста. Или тие ќе седат во фотелјите или ќе закочат сè. Ако се на власт, сè им е тамам. Ако не се, одеднаш ништо не чини. Е па, тој филм веќе не поминува. Ама да расчистиме една работа. Албанците не им должат вечна власт на фотелјашите од Мала Речица. Не им должат ни министри, ни директори, ни тендери. А најмалку им дале право, само затоа што останале без фотелји, да го блокираат Законот за правична застапеност и да го уриваат Охридскиот рамковен договор“,
реагираат од Влен.
Оттаму додаваат и дека ДУИ од очај се фаќаат за сламка и се закануваат дека ќе го закочат целото Собрание.
„Цели 25 години ги имаа и ножот и погачата, ама не најдоа време ова право да го заштитат со закон. Поважни им беа тендерите, личното богатење и матните дилови. Сега, кога некој друг ја завршува работата, од очај се фаќаат за сламка и се закануваат дека ќе го закочат целото Собрание. ДУИ не може да им прости на Албанците што ја пратија во опозиција, па сега им се одмаздува со блокирање на Законот за правична застапеност. Албанците не се ничиј партиски плен, а нивните права не се жетони за политичко поткусурување. Охридскиот рамковен договор не е тапија ниту на Али Ахмети, ниту на неговите вечни фотелјаши. Тој им припаѓа на граѓаните и никој нема право да го држи во заложништво поради пуста желба за власт“,
стои во реакцијата на Влен.
