Претседателката ја нагласи и улогата на припадниците на Командата за операции во справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби, истакнувајќи дека нивниот ангажман е значаен за заштитата на граѓаните
Претседателката и врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја истакна важноста на постојаното унапредување на армиските капацитети, навременото препознавање на ризиците и ефикасното дејствување во услови на современи безбедносни предизвици.
Во обраќањето по повод 17 Октомври – Денот на Командата за операции, во касарната „Боро Менков“ во Куманово, таа нагласи дека оперативната подготвеност не зависи само од бројноста и опремата, туку пред сè од знаењето, дисциплината, правилната проценка и способноста за преземање иницијатива.

Сиљановска-Давкова посочи дека конвенционалното и хибридното војување, киберзаканите, беспилотните системи и вештачката интелигенција создаваат нова безбедносна реалност, која бара постојано приспособување и зајакнување на одбранбените способности.
„Подготвеноста на Армијата не се потврдува само преку способноста за соодветен одговор на кризата, туку и преку навремено, ако не и предвремено препознавање на опасностите и ефикасно дејствување во услови на крајна неизвесност“,
кажа претседателката.
Го истакна и значењето на членството во НАТО, оценувајќи дека исполнувањето на преземените обврски, усогласувањето со стандардите на Алијансата и учеството во заедничките активности ја потврдуваат македонската армија како кредибилен и доверлив сојузник. Притоа, изрази очекување јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото да се применуваат и во процесот на европската интеграција.
Осврнувајќи се на работата на Командата за операции, претседателката рече дека оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група во рамките на вежбата „Блесок 26“ ја потврдило нејзината подготвеност за извршување на мисијата согласно стандардите на НАТО. Таа го посочи и придонесот на македонските војници во мировните мисии на Обединетите нации, Европската Унија и НАТО.
Сиљановска-Давкова ја нагласи и улогата на припадниците на Командата за операции во справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби, истакнувајќи дека нивниот ангажман е значаен за заштитата на граѓаните.
„Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем, зашто токму во неа се вкрстуваат командувањето, обученоста, организацијата и способноста за дејствување. Оперативната моќ не е само прашање на бројноста и модерната опрема, туку најмногу зависи од знаењето, дисциплината, правилната проценка и подготвеноста за преземање иницијатива. Вистинската вредност на една воена структура се потврдува со нејзината способност расположливите ресурси да ги претвори во усогласено и ефикасно дејствување. А вие токму тоа го правите“,
рече таа.
Потсети дека на 18 август, по повод Денот на Армијата, ја одликувала Командата за операции со „Орден за воени заслуги“, како признание за придонесот во унапредувањето на армиските капацитети и зајакнувањето на борбената готовност.
На припадниците на Командата им оддаде признание за професионалноста и посветеноста, повикувајќи ги и натаму да ги надградуваат своите способности и да ја оправдуваат довербата на граѓаните.
