Според МВР, за 24 часа преку граничниот премин „Богородица“ во Грција влегле околу 17 500 лица

Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) соопшти дека поради зголемена фреквенција на возила, речиси на сите гранични премини има чекање.
На „Табановце“ за влез и за излез од државата се чека околу 30 минути, на „Богородица“ за излез од државата околу 3 часа, а за влез околу 1 час, додека, пак, на граничниот премин „Дојран“ за излез од државата се чека околу 3 часа.
„На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата“,
велат од АМСМ.

Претходно од Министерството за внатрешни работи соопштија дека од 12 часот вчера напладне до истото време денеска, преку граничниот премин „Богородица“ во Грција влегле околу 17 500 лица.
Од лицата кои направиле влез и излез на границата, околу шест илјади биле македонски државјани.
„На граничниот премин ‘Богородица’ од 02.08.2026 од 12:00 часот до 03.08.2026 до 12:00 часот влез во државата оствариле 5 864 македонски државјани, а излез оствариле 5 948 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани, во истиот период влез во нашата држава оствариле 10 249, а ја напуштиле нашата држава 11 648 лица“,
велат од МВР.
На граничниот премин во Дојран во истиот период имало помалку луѓе.
„На граничниот премин ‘Дојран’ од 02.08.2026 од 12:00 часот до 03.08.2026 до 12:00 часот влез во државата оствариле 399 македонски државјани, а излез оствариле 1 104 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани, во истиот период влез во нашата држава влез оствариле 1 295, а ја напуштиле нашата држава 1 174 лица“,
соопшти МВР.
Оттаму велат дека се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, со спроведување на задолжителните гранични проверки.
