Во соопштението од СДСМ се нагласува дека претходната влада работела транспарентно и надвор од затворени врати, а сегашното однесување го нарекуваат „лажна пропаганда“
Опозициската партија СДСМ денеска преку официјално соопштение упати сериозни критики до министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, обвинувајќи го дека води тајни преговори за судбината на државата. Од СДСМ реагираат на изјавите на Муцунски во кои тој признава дека се водат разговори, но одбива да ги соопшти деталите во јавноста под образложение дека „тие не се попустливи“ како претходната власт.
„Не постои земја во светот во која министер за надворешни работи јавно кажува дека води разговори за судбината на државата – но тие се тајна. Како може иднината на Македонија да биде тајна за нејзините граѓани?“ – прашуваат од опозициската партија.
Од партијата посочуваат дека клучните функционери на ВМРО-ДПМНЕ веќе ги потврдиле и пофалиле успесите на претходната дипломатија. Како примери ги наведуваат изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за Преспанскиот договор, ставовите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за заштитата на идентитетот, како и изјавите на самиот Муцунски за придобивките од НАТО.
СДСМ исто така обвинува за лоши економски резултати, тврдејќи дека по доаѓањето на новата власт, странските инвестиции паднале за 60%. Во соопштението се нагласува дека претходната влада работела транспарентно и надвор од затворени врати, а сегашното однесување го нарекуваат „лажна пропаганда“.
На крајот, опозицијата упати директно прашање до јавноста: „После сите лаги со кои ВМРО дојде на власт, дали му верувате на Тимчо Муцунски и на неговите тајни разговори што ги води во име на граѓаните и нивната иднина?“
