Министерството за внатрешни работи добило известување од косовската полиција за апсењето на четворица наши државјани, меѓу кои е и бегалецот Агим Красниќи, кој со години се бара со меѓународна потерница, потврдија оттаму за „360 степени“.
Засега, тие се во притвор во Косово.
Од МВР не споделуваат повеќе детали за понатамошниот тек на постапката и евентуалната екстрадиција.
ТВ Телма објави дека освен Агим Красниќи, во групата се уапсени и неговиот брат – Бесим Красниќи, како и Сехат Рамадани и Фадиљ Точи. Четворицата се дел од кондовската група која пред речиси две децении беше страв и трепет во Скопско.
На веб-страницата на македонското МВР, во делот за потраги, објавени се меѓународни потерници за сите четворица.
Претходно, косовската полиција соопшти дека четворицата наши државјани се уапсени во Урошевац, откако запреле „ауди“ со македонски регистарски таблички, во кое биле пронајдени оружје и муниција.
Тројца од четворицата уапсени приложиле лажни документи за идентификација.