Во МВР е формиран и почна официјално со работа трет синдикат – Синдикат на полиција во Македонија, информира на денешната прес-конференција неговиот претседател Орце Коцевски.
Тој ги отфрли како неточни и тенденциозни сите наводи дека е овој синдикат е формиран само да биде замолкнат Полицискиот синдикат, кој е во рамки на ССМ.
Коцевски рече дека овој синдикат ќе се бори против непрофесионализмот, невладеење на правото, вознемирувањето на работниците, а за униформа и опрема според европски стандарди, решавање на прашањето за неказнување напад врз полициските службеници, нов колективен договор со подобри права, бесплатна правна помош за секој член, поголема плата и додатоци…
Од овој Синдикат, меѓу другото, побараа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев да ја обелодени во детали правната разврска на сите незаконски решенија издадени во минатото и одговорност на лицата што стојат зад такви незаконски издадени решенија.
Претседателот на Синдикат на полиција во Македонија, Орце Коцевски, побара Македонскиот полициски синдикат да се извини, за како што рече, навредите и клеветите на вчерашната прес-конференција, во спротивно ќе покренат постапка согласно законот, за изречените навреди и клевети.
Претставници на Македонскиот полициски синдикат и на ССМ вчера обвинија дека Чулев инсталира нов синдикат за да го замолкне постојниот и дека на седниците испраќа инспектори за да прави притисок.
Министерот Чулев ги отфрли обвинувањата и ги повика вработените во Министерството за внатрешни работи да проверат дали раководството на Македонскиот полициски синдикат ги застапува нивните права или пак работи по директива на власта.
Освен новиот Синдикат, Македонскиот полициски синдикат, вработените во МВР имаат и Независен полициски синдикат.