Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, побара извинување од ВМРО-ДПМНЕ. Ставот на министерот следи откако опозициската партија побара оставка од него бидејќи, според нив, Спасовски го помогнал вработувањето на командирот кој беше на смена во КПУ Идризово при бегството на Мемети, а станувало збор за човек кој бил избркан од полицијта поради кривично дело – Поткуп.
Од МВР бараат и да се повлечат „неверојатните лаги“ и потсетуваат дека Министерството за внатрешни работи нема никаква врска со затворската полиција.

„Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите на ВМРО-ДПМНЕ изнесени во денешното соопштение. Станува збор или за свесно лажење или за комплетна неписменост и недоветност, затоа што и полуписмен човек знае дека МВР нема врска со затворската полиција, туку таа е во склоп на Министерството за правда односно Управата за извршување санкции. Оттаму министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ниту можел ниту има било каква врска со именувањето командири во затворот Идризово, затоа што буквално нема никаква надлежност за тоа.
Бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извини и да ги повлече ваквите неверојатни лаги кои ги пласираат во јавноста“,
соопштија од МВР.
Во соопштението во кое ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Спасовски, како докази за тврдењата беа понудени само фотографии од социјалните мрежи кои сугерираа дека командирот од КПУ Идризово е симпатизер на СДСМ. Не беа понудени и други документи.
Дека командирот кој бил на смена во КПУ Идризово е поранешен полицаец кој бил осуден за кривчно дело и отпуштен од МВР, објави порталот А1он. По бегството и првичните дејствија на обвинителството, командирот доби мерка притвор, како и уште двајца други затворски полицајци кои беа вклучени при спроводот при што избега осудениот за убиство, Беким Мемети.