ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од министерот за внатрешни Оливер Спасовски, во врска со бегството на затвореникот Беким Мемети при спровод од КПУ Идризово до Клиничкиот центар, при што еден полицаец беше и ранет од огнено оружје.
Како што првично пренесе порталот „А1он“, командирот кој бил на смена критичната вечер, бил поранашен полицаец во МВР кој бил избркан од работа поради кривично дело – Поткуп. ВМРО-ДПМНЕ сега обвинува дека министерот за внатрешни работи е одговорен што истото лице потоа било вработени и унапредено во КПУ Идризово.
„Командирот Димитријевски е поставен од Спасовски, и истиот е задолжен за проценката на ризик, тој можел да побара асистенција од МВР, што е пракса кога постои зголемен ризик од бегство. Зошто не побарал треба да одговори и самиот Спасовски кој го враќа во МВР и унапредува. За каков криминалец, ако не за осуденик за убиство постои зголемен ризик од бегство?
Спасовски е одговорен за бегството на затвореникот убиец. Тој не само што е министер во МВР, туку е и министерот кој го вратил командирот Димитријевски на работа по извршен криминал, и го поставил на командирска позиција. Спасовски не може да бега од одговорност. Спасовски да се соочи со последиците од својата неспособност и криминогеност. Оставка веднаш“,
соопштија од МВР.
Како докази за ваквите тврдења, ВМРО-ДПМНЕ сподели неколку фотографии од Фејсбук профилот на командирот кои сугерираат дека станува збор за симпатизер на СДСМ. Опозициската партија не презентираше и други докази во прилог на нивното тврдење. Инаку, за затворската полиција, ресорно е Министерството за правда.
Командирот за кој ВМРО-ДПМНЕ тврди дека бил вработен во КПУ Идризово со помош на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, веќе доби осумдневен притвор. Од притвор ќе се бранат уште двајца од вкупно четворицата полицајци кои учествувале во спроводот.
Според досегашните официјални сознанија, затвореникот Беким Мемети при транспорт од КПУ Идризово до Клиничкиот центар, успеал да одземе пиштол од еден од затворските полицајци и со него го ранил полицаецот кој го возел комбето „форд транзит“. Потоа избегал со патничко возило. Мемети бил на почетокот од долгогодишна казна за убиство кое го сторил во Мала Речица, Тетово, во 2016 година.
По бегството, обвинителство издаде повеќе наредби меѓу кои – обезбедување на снимките од затворот на критичната вечер, листинг на телефонски позиви на сите инволвирани во спроводот и друго. Врз основа на досегашните истражни дејствија е побаран и одреден притворот за дел од полицајците и командирот вклучени во спроводот.