Тој изрази загриженост од тоа што го видел како информација и додава дека вакви состојби не смеат да се повторуваат особено „кога индициите укажуваат дека штетата е во шест цифри во евра“
Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија била спроведена внатрешна постапка, при што биле добиени загрижувачки информации. Ова го истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на денешната прес-конференција, а одговарајќи на прашања околу поранешниот амбасадор во Обединетите нации, Љубомир Фрчковски.
„За поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски имаме сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства. Индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра. Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата“,
рече Муцунски.
Тој најави дека како министерство ќе ги преземат сите неопходни мерки и оти ќе ги информираат релевантните институции во правосудството.
„Ќе имаме обврска да ги информираме релевантните институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност“,
рече Муцунски.
Муцунски најави максимално почитување на Законот за надворешни работи.
Тој изрази загриженост од тоа што го видел како информација и додава дека вакви состојби не смеат да се повторуваат особено „кога индициите укажуваат дека штетата е во шест цифри во евра“.
Што се однесува до најавата дека некои лица ќе поднесат тужба против министерството или некој друг, тоа е, рече Муцунски, нивно право.
„Беше споменат и терминот тужба, и другата страна ќе има право да приложи свои аргументи и докази. Тоа што го видов е за одредени ноторни состојби, ноторни факти, но секој има право да ги даде своите аргументи. Јас тука ништо не можам да спорам, но сум убеден дека откако МНР е раководено од моја страна внимаваме секогаш максимално да се почитуваат законите и процедурите, што, за жал, морам да констатирам, не било пракса додека ова Министерство било раководено од мојот претходник“,
додаде Муцунски.
Како пример за непочитување на законите и процедурите тој го посочи генералниот конзул во Њу Џерси, каде лицето било именувано на таа позиција спротивно од одредбите на Законот и кој е отповикан.
„Таква пракса не смееме да дозволиме, треба да бидеме репер за почитување на законите“,
рече министерот.
Муцунски подвлече дека некои дипломати редовно се отповикуваат зашто им е истечен мандатот, но има и други случаи, како оние со Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди.
„Има различни ситуации, една е онаа со поранешниот амбасадот Фрчковски, кого го повикав на консултации, но не дојде и си даде оставка. Тој по свој избор веќе не е амбасадор во ОН. Имаме специфична ситуација и со амбасадорите Жерновски и со Мемеди, така да ги именувам, која е сѐ уште во процедура, во комуникација меѓу МНР, Владата и претседателката, а има и ситуации на редовни отповикувања на амбасадори заради завршување на нивниот мандат“,
рече Муцунски.
Тој најави дека во најскор можен период ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции, а во 2025 година целта е да бидат пополнети и сите ДКП-а.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во ноември најави дека наскоро ќе почне процес на именување на нови амбасадори на местата од оние кои претходно со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беа отповикани поради завршување на мандатот.
Според Муцунски, при именувањето на новите амбасадори, за што веќе има консултации, ќе бидат земени предвид квалитетите и квалификациите на лицата.