Според партискиот потпретседател, ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада од повеќе гледни точки, особено, како што вели, поради тоа што граѓаните очекуваат промени. За да се обезбедат таквите промени, но и за да се обезбеди фер изборен процес, според Муцунски, потребно е ВМРО-ДПМНЕ да влезе во институциите
Покрај Муцунски, и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, е на став дека партијата треба да учествува во техничката влада за, како што вели, да ги развласти СДСМ и ДУИ
Одлуката за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува или не во техничката влада на сто дена пред изборите ќе се носи во наредните неколку недели од страна на Извршниот и Централниот комитет на партијата. Ова во интервју за ТВ Алсат вечерва го изјави еден од потпретседателите на партијата, Тимчо Муцунски.
„Во секој субјект е потребен дијалог и сметам дека е разумно за таков тип на одлука сите да размислиме, да се одвиваат внатрешни дебати, да ги слушнеме ставовите на органите на партијата и потоа како колективно да кажеме кој е партискиот став“,
вели Муцунски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада од повеќе гледни точки, особено, како што вели, поради тоа што граѓаните очекуваат промени. За да се обезбедат таквите промени, но и за да се обезбеди фер изборен процес, според Муцунски, потребно е ВМРО-ДПМНЕ да влезе во институциите.
„Примарно, петте институции во коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе добие раководни позиции, за да можеме да гарантираме колку што има капацитети од гледна точка на надлежностите на тие органи на управата, дека изборниот процес ќе биде фер, кредибилен и граѓаните да може низ демократска призма да го изразат своето право на гласање“,
рече Муцунски.
Прашан дали евентуалното неучество на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е поради фактот што таа ќе биде предводена од етнички Албанец, односно од актуелниот собраниски спикер Талат Џафери, Муцунски вели:
„Во недостаток на концепт заради преобемната корупција којашто ја гледаме на секое поле, таква демагогија слушам посебно од претставниците на ДУИ, посебно од министерот за надворешни работи и потпретседател на партијата, Бујар Османи, којшто постојано зборува за албонофобија. Tочно е дека постои фобија, но од одредени структури во ДУИ, а не од ДУИ како политичка партија. Факт е дека има сериозна колизија во вредносниот систем кој ние го имаме како луѓе со вредносниот систем на поединци во раководството на ДУИ за кои гледаме сериозни сомнежи на корупција, од коишто не можеме да видиме ниту еден конкретен проект важен за граѓаните, независно дали името на граѓанинот е Висар или Виктор, дали е Јеона или Јована“,
рече Муцунски.
Додаде дека партијата има „сериозен отпор и негативно мислење да има технички премиер од редовите на политичкиот субјект ДУИ, односно од актуелното раководство и луѓето кои сега го водат тој политички субјект“.
Покрај Муцунски, и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, е на став дека партијата треба да учествува во техничката влада за, како што вели, да ги развласти СДСМ и ДУИ.