Смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ
Oрганите на партијата во следните неколку дена ќе одлучуваат дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, рече вечерва во гостување на Дневникот на ТВ Сител, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Сепак, според него, ВМРО-ДПМНЕ би требала да учествува во техничката влада за да ги развласти СДСМ и ДУИ.

Ќе заседаваат Извршниот и Централниот комитет, но сметам дека кога владата ја предводи човек како Талат Џафери кој безброј пати го прекршуваше Деловникот, кој не го пополнува местото член на ДИК кое и следува на опозицијата, а со месеци го влечка овој оглас и не го става на дневен ред, тогаш тој што би имал намера да не учествува во ваква влада за организирање на избори, може само да им даде поголема шанса на Џафери, Груби, Спасовски да прават малверзации,
изјави Милошоски.
Милошоски смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ.
„Ценам дека министер за внатрешните работи, труд и социјала и тројца заменици во земјоделие, финансии и министерство за информатичко општество и администрација би биле добар влог во зголемување на изборниот систем и намалување на малверзациите на СДС и ДУИ. Затоа што не е случајно што Бесими е шеф на изборен штаб на ДУИ, нему приоритет ќе му биде да создава прилики за ДУИ да го избере тоа министерство за финансии за изборни цели. ВМРО-ДПМНЕ ако учествува во техничка влада таму би имале заменик кој ќе се обиде тоа да го спречи“,
рече Милошоски.
Зборувајќи за Алијанса за Албанците, Милошоски рече дека партијата „глуми и власт и опозиција“ и дека не го отстапуваат местото во ДИК на опозицијата, за да нема претставници од албанската опозиција во избирачките одбори.
Според него, техничката влада нема политички мандат и ограничена на спроведување на изборниот процес и не може да застапува проекти за кои не е овластена и не станува збор за уставни измени.
„ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема да прифатиме. Ковачевски, Маричиќ и Османи во Брисел ќе треба да објаснат зошто презеле обврска која не може да ја исполнат“,
изјави тој.
Милошоски истакна дека не може вие како претседател на влада да преземете обврска дека Собранието двотретински ќе ве поддржи, а без притоа да го консултирате или да не го консултирате народот на референдум или избори.
„Одговорноста за неуспехот на Македонија да не отпочне преговори е на ДУИ и СДС и нивната сервилност. Надевајќи се дека се што ќе прифатат кон Софија ќе им даде недели или месеци подолго владеење. Настрана од овој дел, корупцијата во Македонија е на толку високо ниво, ние гледаме дури и странски дипломати го кажуваат тоа како ендемска појава, широко рапсространета девијација. Земји членки не гледаат како земја заглавена во корупција“, изјави Милошоски.
Милошоски потенцираше во самата ЕУ имате земји за кои проширувањето не приоритет и стратешка цел за ЕУ, а од друга страна Маричиќ, Османи и Ковачевски лажат дека сега е моментумот ако не се направи овој чекор дека ќе се пропушти возот, приказна која ја слушаме 30 години.