„Имавме конструктивни разговори на кои заеднички го разгледавме унапредувањето на односите во сите сфери од взаемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување, како од надворешен трговски аспект, така и од инвестициски“, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија
„Соработката, пријателството и сојузништвото со С Македонија го цениме многу. Разговаравме како оваа соработка да ја унапредиме и во иднина. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Виш стратешки совет за соработка“, вели турскиот министер за надворешни работи
Република Турција е наш докажан пријател и НАТО-сојузник. Ова денеска го рече Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на заедничката прес-конференција со неговиот колега, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој денеска е во посета на Скопје. Муцунски оцени дека денешната посета на турскиот колега претставува значаен момент во билатералните односи, а со оглед на тоа дека е прва посета на странски министер за надворешни работи откако тој е на чело на МНР, е доказ за силната потврда на сè поинтензивниот политички дијалог, стратешко пријателство и партнерство со Република Турција.
„Имавме конструктивни разговори на кои заеднички го разгледавме унапредувањето на односите во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување, како од надворешен трговски аспект, така и од инвестициски“,
вели Муцунски.
Според него, традиционално добрите односи позитивно влијаат на зајакнување на економската соработка, а доказ за тоа е огромниот влез на турските инвестиции од самото осамостојување до денес.
„Тоа е доказ за желбата на Република Турција да биде стабилен економски партнер на нашата држава. Но, досегашната економска соработка го нема достигне посакуваното ниво и од двете држави. Постојат многу можности што можат максимално да бидат искористени, како на државно ниво, така и од страна на деловните субјекти од двете држави“,
рече тој.
Со Турција, според министерот Муцунски, споделуваме заеднички погледи и грижи за безбедносни и други регионални закани.
„Посебно го запознав мојот колега со актуелната позиција на државата во однос на ЕУ-процесот, со посебен акцент дека предвидливоста е многу важна“,
вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека Турција од осамостојувањето на Северна Македонија цврсто и непоколебливо ја поддржува, како и дека ќе продолжи тоа да го прави.
„Соработката, пријателството и сојузништвото со С Македонија го цениме многу. Разговаравме како оваа соработка да ја унапредиме и во иднина. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Виш стратешки совет за соработка“,
рече тој.
Според него, Турција има за цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милијарди, а ќе продолжат со поддршка турските компании да инвестираат во земјава.
„Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички вежби. Верувам дека ќе имаме сериозен подвиг во следниот период“,
вели Фидан.
Посочи дека Северна Македонија има посебно место за него, како и дека отоманското наследство е значаен дел од културното наследство на земјата, а во таа насока ќе продолжат и со соработка.
„Турската заедница во земјава силно нè поврзува, како Камениот мост во центарот на градот. Посакуваме да имаме мир и стабилност на целиот Балкан и како Турција сме активно вклучени во тоа“,
рече тој.
Верува дека новата влада ќе има чувствителен пристап во областа на борбата на тероризмот, особено дека С Македонија ќе даде помоќна поддршка во борбата против терористичката организација ФЕТО.
Во агендата на турскиот министер е и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши.