„Она што го комуницираме во моментов со експертите со кои работиме е да најдеме едно ново предлог-законско решение и да се обезбедува согласно постоечкиот закон 12 часа дневен одмор помеѓу еден и друг работен ден и да се обезбеди 24 часа одмор на работникот во текот на една работна недела“, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска
Горна граница за прекувремена работа, која, како што претходно најави министерката ќе биде дел од новите предлог-измени на Законот за работни односи, сè уште не е утврдена и „ќе видиме колку ќе изнесува таа“, рече таа денеска
Сè уште се во тек консултациите на Министерството за труд и социјална политика со експерти за изработка на нов предлог-закон за работни односи кој треба да го замени актуелното предлог-решение поврзано со изградбата на дел од коридорите 8 и 10-д, а кое заглави во собраниската процедура и предизвика бурни реакции и контроверзии во јавноста.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска минатата недела во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма најави дека ќе има измени на веќе поднесениот предлогот-измени на Законот за работни односи од страна на пратениците со кои се бара прекувремена работа за работниците кои ќе бидат ангажирани на автопатите кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Тогаш Тренчевска најави дека ќе се утврдува горна граница за прекувремената работа на градежните работници кои ќе работат на овој проект, одредба што ја нема во измените на Законот што во Собранието ги предложија група пратеници од владејачкото мнозинство.
Горна граница за прекувремена работа сè уште не е утврдена и како што изјави денеска Тренчевска „ќе видиме колку ќе изнесува таа“.
Она што, како што кажа министерката, во моментов го комуницираат со експертите околу изнаоѓањето ново предлог-законско решение се однесува на часовите на одмор кои треба да се обезбедат за работниците во текот на една работна недела.
„Најважно за нас е да добијат работодавачите писмена согласност од работникот дека се согласува да работи прекувремено и да бидат обезбедени сите стандарди за безбедност и здравје при работа и секој час поминат прекувремено да биде платен на работникот. Она што е најважно и што го комуницираме во моментов со експертите со кои работиме е да најдеме едно ново предлог-законско решение и да се обезбедува согласно постоечкиот закон 12 часа дневен одмор помеѓу еден и друг работен ден и да се обезбеди 24 часа одмор на работникот во текот на една работна недела“,
рече Тренчевска.
Таа уште еднаш го повтори ставот на Владата дека ако сакаме изградбата на коридорите 8 и 10-д да биде завршена за четири години и седум месеци тогаш треба да дозволиме и прекувремена работа.
„Станува збор за еден проект кој е од стратешки и национален интерес за државата, тоа е изградбата на коридорот 8 и коридорот 10-д кои ако сакаме да градиме инфраструктура во државата и да не ја градиме по 15 или 20 години туку да ја завршиме за четири години и седум месеци како што е договорот со ‘Бехтел и Енка’ тогаш праксата не само кај нас туку и секаде во светот покажува дека треба да дозволиме и прекувремена работа, меѓутоа прекувремена работа која ќе биде платена за секој час поминат на работа на работникот и обезбедување на сите меѓународни стандарди кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа на работниците“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарско во рамките на денешниот настан за одбележување на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Траењето на прекувремената работа, рече таа, ќе зависи најмногу од временските услови и работниците ќе работат подолго од она што е предвидено во пролет и лето.
„Градежните работници ќе добијат најголема заштита во делот на безбедноста и здравјето при работа, ако работат прекувремено. Траењето на прекувремената работа ќе зависи најмногу од временските услови, најчесто во пролет и лето ќе можат да работат подолго од она што е во моментот предвидено, но, ќе видиме колку ќе биде горната граница за прекувремена работа“,
изјави Тренчевска.
Маја Атанасова – правничка од Македонското здружение на млади правници – во емисијата „360 степени“, емитувана на 21 април, рече дека според информациите со кои јавноста располага во моментот нема потреба за утврдување нови горни граници бидејќи во Законот за работни односи веќе има предвидено горна граница која изнесува 8 часа прекувремена работа неделно и 190 часа годишно.
Во врска со аргументите на Владата и пратениците, а кои и денеска ги потенцираше министерката Тренчевска, дека ништо од ова нема да се случува без писмена согласност од работникот, Атанасова рече дека иако на хартија тоа звучи како заштита на работникот, во пракса се знае дека работникот нема да се чувствува сигурно да не ја потпише изјавата со која би дал согласност за прекувремена работа.
Инаку, измените на Законот за работни односи е ден од пакетот од осум закони што група пратеници ги поднесоа во Собранието, а кои произлегуваат од договорот на Владата со „Бехтел и Енка“, американско-турскиот конзорциум кој ќе ги гради автопатите од дел од коридорите 8 и 10-д.