Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска соопшти дека е зголемена достапноста на сервисите за заштита на жртвите од насилство низ земјата.
„Во состојби на стрес и домашна изолација, насилството може дополнително да ескалира. Никој не треба да се чувствува дека е оставен сам на себе“,
се наведува во соопштението од МТСП.
Потенцијалните жртви, како што се посочува, можат да се обратат за помош во центрите за социјална работа и во воспоставените сервиси: http://mtsp.gov.mk/ns_article-prijavi-semejno-nasisltvo.nspx и на бесплатните телефонски СОС-линии 070/075/077 141 700.
„МТСП и другите институции координирано постапуваат и преземаат конкретни мерки за заштита на жртвите согласно законските надлежности за итно и должно постапување и за време на полициски час. Стручните лица од центрите за социјална работа имаат дозвола за непречено движење и за време на полициски час, со цел жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка. Сите кои сакаат да пријават насилство треба да го сторат тоа, за што не им е потребна посебна дозвола. Тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица“,
се потенцира во соопштението.
МТСП ги охрабрува сите жени што се соочуваат со каква било форма на семејно насилство или насилство од својот партнер да пријават на 192, СОС-линиите, во центрите за социјална работа или најблиската полициска станица.
„Институциите даваат највисок приоритет на пријавите на семејно насилство и ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите“,
се посочува во соопштението од МТСП.
*поврзани вести: За жените и децата жртви на семејно насилство да не важи забраната за движење, бараат невладините
За време на корона-кризата семејното насилство бележи застрашувачки пораст, предупредија ОН