Ова е прв ваков случај од отворањето на градинките на 9 септември
Прв случај на дете заразено со ковид-19 е забележан во скопска градинка, потврдија од Министерството за труд и социјална политика за МИА.
Според информациите од Министерството, станува збор за дете кое било згрижено во градинката „13 Ноември“ во Општина Центар во Скопје.
Од градинката за Телма изјавиле дека се работи за едногодишно дете, кое во групата јасли било само првиот ден на отвиорањето на градинката, каде поминало еден час. Подоцна им било соопштено дека и родителите и детето се позитивни на ковид.
„Преземени се сите мерки за заштита. Денеска имавме и две инспекции, од Центарот за јавно здравје и од Санитарната инспекција. Инспекторите немаа забелешки. Групата е затворена, а просторијата е дезинфицирана уште вчера“,
велат од градинката.
Од отворањето на градинките на 9 септември беа пријавени три случаи на позитивни вработени во градинки во Скопје, Битола и Свети Николе.
Во случајот во Битола, деца и вработени се во изолација, додека во Скопје, заболената воопшто не била на работа од 9 септември кога градинките повторно почнаа со работа.
Светиниколската градинка „Рахилка Гонева“, Клон 1, каде што вработената од техничкиот персонал беше потврдена како позитивна на ковид-19, не беше отворена неделава.