Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги повика сите вработени во детските градинки, кои досега не го направиле тоа, да се вакцинираат со цел непречено одвивање на воспитно образовниот процес за време на епидемијата со ковид-19.
Од МТСП информирмираат дека досега се вакцинирани речиси 60 проценти од вработените во градинките во државава и апелираат и останатите 40 проценти од воспитувачите, негувателите и техничкиот персонал да се вакцинираат за да се обезбеди безгрижен престој на децата.
„Како ресорно министерство упатуваме на општествена одговорност на сите вклучени во процесот на воспитување и образование на децата од предучилишна возраст, имунизацијата да продолжи со несмалено темпо во текот на целиот летен период. Само така градинките, по завршувањето на летниот период, ќе можат да работат со полн капацитет“,
велат од МТСП.
Од министерството посочуваат дека вработените во градинките во изминатиот период покажале високо ниво на одговорност и професионалност и преку целосно почитување на протоколот за заштита не дозволиле внатрешно ширење на коронавирусот.