Според лидерот на СДСМ, анкетата која беше презентирана на МРТ1 е потсетување на тоа како изгледале медиумите до 2016 година
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, веднаш му возвратија дека Ковачевски губи, па е нервозен, а за слабиот рејтинг, велат дека му се виновни амбасадорите, анкетарите и телевизиите, само не и тој самиот

За најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) која беше презентирана во вторникот на МРТ 1, а според која ВМРО-ДПМНЕ е во речиси двојна предност пред СДСМ во втората и во шестата изборна единица, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека е направена од Институт што е близок до опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што го гледаме сега на МТВ е анкета што е преземена од еден Институт што е близок на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, тоа сите го знаеме историски. И МТВ всушност само нè потсетува како изгледаа медиумите до 2016 година. Така што, ова прашање можеби треба да го поставите и до господинот Гир, до американската амбасадорка, до холандскиот амбасадор бидејќи тие многу често коментираат во однос на демократијата, слободата на медиумите, начинот на известувањето итн. Јас ви кажувам дека ова комплетно може да ги потсети сите како изгледаа медиумите до 2016 година“,
рече денеска Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
По изјавата на претседателот на СДСМ, со соопштение веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ковачевски губи, па е нервозен, за слабиот рејтинг виновни му се амбасадорите, анкетарите и телевизиите, само не и тој самиот“,
се вели во реакцијата од партијата.
Според нив, нема релевантна анкета, домашна или меѓународна, на која СДСМ не губи два или три наспрема еден во однос на ВМРО-ДПМНЕ.
„Седум години СДС и ДУИ владеат со криминал и корупција, ја задолжија државата и 600 илјади народ заради нив живее во сиромаштија. Рејтингот на СДС паѓа и уште ќе паѓа, а тој на Ковачевски секако не е мрднат од нула, ниту ќе мрдне. СДС и Ковачевски си заминуваат од власт. Македонија наскоро ја затвора најлошата страница од својата историја. Никогаш не беше полошо. Важно е да ги поразиме“,
се додава во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Во анкетата на ИПИС, на прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 19,4 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а речиси двојно помалку, односно 10 проценти својот глас би го дале на СДСМ. Во втората изборна единица за Левица би гласале 3,8 проценти од испитаниците, а за новоформираната партија ЗНАМ на Максим Димитриевски својот глас би го дале 4,5 отсто.
Од партиите од албанскиот блок, во втората изборна единица води ДУИ, за која гласот би го дале 6,5 отсто од испитаниците. Веднаш зад неа е коалицијата на опозициските партии на Албанците „Европски сојуз за промени“ за која рекле дека ќе гласаат 5,4 проценти. Нешто помалку од два проценти, односно 1,9 отсто од испитаниците во втората изборна единица рекле дека својот глас ќе до дадат за Алијанса за Албанците.
Предизборната анкета на ИПИС покажува дека во шестата изборна единица, која ги опфаќа општините во северозападна Македонија, тесна е предноста на ДУИ пред коалицијата „Европски сојуз за промени“ на трите опозициски партии на Албанците. На прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 17,9 отсто од испитаниците во ИЕ 6 рекле дека ќе гласаат за ДУИ, а нешто помалку или 16 проценти рекле дека својот глас ќе го дадат на коалицијата на опозицискиот албански блок.
За Алијанса за Албанците би гласале седум проценти од испитаниците во шестата изборна единица.
Дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица се изјасниле 8,1 отсто од испитаниците. За СДСМ рекле дека ќе гласаат 4,4 проценти од испитаниците, за Левица 0,6 проценти, а 0,5 отсто за ЗНАМ.
На крајот на јануари годинава, ИПИС ги презентираше резултатите и од предизборната анкета за првата и петтата изборна единица. Анкетата покажа дека речиси двојна е предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во првата изборна единица.
Од резултатите од петтата изборна единица, во анкетата може да се види дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во водство пред СДСМ, но за разлика од првата изборна единица, предноста е помала.