Македонската православна црква-Охридска архиепископија ги повика верниците да ги почитуваат владините мерки против ширење на коронавирусот. Најголемиот христијански празник Велигден, кој е в недела, се совпаѓа со полицискиот час во земјата. Забраната за движење стапува во сила в петок попладне во 16 часот и ќе важи до вторник до 5 часот наутро. Владиката Тимотеј за Алсат-М објаснува дека црквите ќе бидат отворени, но верниците би можеле да дојдат само кога нема забрана за движење, што значи или до петок до 16 часот или дури во вторник.
„Црквите секако ќе бидат отворени, но знаеме дека за големиот празник ќе има полициски час. Ова значи дека ако верниците дојдат на литургија ќе го прекршат законот. Што се однесува до останатите денови, во период кога нема полициски час, ние држиме постојано богослужби и храмовите се отворени за лична молитва. Препораката е светите литургии да се одржуваат со најмногу пет верници, но пак ќе кажам, тоа е само кога нема полициски час“,
вели владиката Тимотеј.
Претходно, во услови кога власта апелираше до граѓаните да не излегуваат од дома за да се спречи ширењето на коронавирусот, цела Повардарска епархија ги осветуваше градовите и ги повикуваше верниците да се причестат во црква. Сега и повардарскиот митрополитот Агатангел се повлече од идејата, па пред Велигден ги повика верниците сепак да се молат од своите домови, а не во црквите.