За слична идеја се дискутира и во други земји, како Нов Зеланд и Германија. Застапниците на предлогот веруваат дека со тоа ќе се зголеми продуктивноста, ќе се подобри менталното здравје на работниците и ќе придонесе во борбата против климатските промени
Шпанија може да стане една од првите земји во светот што ќе воведе четиридневна работна недела откако владата се согласи да биде спроведен пилот-проект во кој ќе учествуваат неколку компании.
На почетокот на оваа година левичарската партија Мас паис соопшти дека владата го прифатила нејзиниот предлог за тестирање на идејата. Од тогаш се водат разговори, а следниот состанок се очекува да се одржи во наредните недели. Идејата за воведување на четиридневна работна недела (32 работни часа) е всушност почеток на реална дебата, која ќе доведе, според очекувањата на многумина, и до нејзино спроведување.
Според Мас паис, Шпанија е една од земјите каде што луѓето работат повеќе часови од европскиот просек, но не е меѓу најпродуктивните земји. Партијата смета дека повеќе часови работа не значи подобро завршена работа.
За деталите сè уште се разговара, но партијата предлага пилот-проектот да биде за период од три години и да се инвестираат 50 милиони евра, што ќе им овозможи на компаниите да го намалат работното време со минимален ризик. Трошоците за компанија што ќе воведе четиридневна работна недела може да се покријат 100 отсто во првата година, 50 отсто во втората година и 33 отсто во третата година.
Мас Паис проценува дека околу 200 компании со 3 000-6 000 работници можат да учествуваат во пилот-проектот. Целта е да се намали работното време, но да не се намали ниту платата ниту обемот на работа.
Лево ориентираните партии во Шпанија, каде што 44-дневниот штрајк во Барселона во 1919 година ја направи земјата една од првите во Западна Европа што воведе осумчасовен работен ден, ја прифатија идејата.
Проектот се очекува да започне најрано оваа есен.
За слична идеја се дискутира и во други земји, како Нов Зеланд и Германија. Застапниците на предлогот веруваат дека со тоа ќе се зголеми продуктивноста, ќе се подобри менталното здравје на работниците и ќе придонесе во борбата против климатските промени.