Иако биле регистрирани 52 патници во автобусот, пронајдени се 44 трупа, а во болница се седум преживеани, посочуваат бугарските истражни органи
Можност да има уште еден – осми преживеан во страшната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ изразија бугарските обвинители на денешната прес-конференција, на која ги изнесоа првичните наоди од истрагата.
Во остатоците од автобусот се пронајдени 44 трупа, соопштија бугарските истражители. Тие велат дека добиле информација дека во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат седум лица. Затоа е нејасно каде е уште еден патник кој бил регистриран дека е во автобусот. Се претпоставува дека еден патник можеби се одлучил да патува со друг автобус на „Беса транс“ од другите три, кои исто така биле на турата во Турција.
Според обвинителот Сарафов, најблиска засега е верзијата дека причина за несреќата е човечки фактор, дека веројатно немало експлозија туку дека станувало збор за силен удар на автобусот во банкината од десната страна, за која рече дека не требало да биде таму.
Изнесувајќи ги првичните наоди од истрагата, Сарафов нагласи дека во медиумите има многу шпекулации и, како што рече, псевдоексперти, како и дека по емисиите може да се видат 15 или 20 очевидци, а всушност очевидци на настанот нема.
„Прво, испрашани се двајца од преживеаните патниците во автобусот, кои биле будни во моментот на несреќата. Двајцата даваат објективни информации. Испитани се поединечно и исказите им се совпаѓаат, поради што ги земаме за исклучително точни. Денеска се испитуваат и други двајца кои се во болница“,
изјави Сарафов.
Екипа од бугарското обвинителството утре заминува за Скопје за подигање на изработените ДНК-профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите. Потоа, нагласи Сарафов, ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.