Сарафов рече дека досегашната истрага води кон тоа дека повеќето патници во автобусот починале од задушување со чад, како што покажала аутопсијата која е завршена
Бугарскиот обвинител Борислав Сарафов ја отфрла верзијата за туби со гориво во автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“ како причина за несреќата, како и верзијата за терористички акт.
На претпладневната прес-конференција во Софија, во врска со првичните наоди од истрагата, рече дека засега е најблиска верзијата за човечка грешка, за што посебно се испитуваат условите на делницата каде што се случи сообраќајката, како сообраќајната сигнализација, ознаките и осветлувањето на патот.
Во автобусот, како што беше речено, имало само три туби со остатоци од нафта, што не може да биде причина за несреќата. Нема, рече Сарафов, туби со бензин или друг запаливи материјали, освен она што е вообичаено за едно возило.
Сарафов и неговата колешка Милева рекоа дека се во постојана комуникација со македонското обвинителство и дека бугарски обвинители утре ќе дојдат во Скопје во врска со ДНК-анализите и идентификацијата на жртвите.
Сарафов рече дека досегашната истрага води кон тоа дека повеќето патници во автобусот починале од задушување со чад, како што покажала аутопсијата која е завршена.
Обвинителката Милева рече дека била на местото на инцидентот заедно со Јовески и дека глетката била ужасна. Уште потешка била ситуацијата, како што рече, кога заедно со Јовески и обвинителката Вилма Русковска отишле во болницата каде што се згрижени седум патници кои ја преживеаја несреќата. Сите преживеани, како што рече, биле во добра здравствена, ама во лоша психичка состојба. За нив, како што наведе, се грижат најдобрите специјалисти и сите се во посебни соби. Досега се испитани двајца од повредените.