Причината за ваквата состојба од Општината ја лоцираат кај несовесни граѓани кои масовно ја користат водата за наводнување тревници, бавчи и земјоделски култури, но и за миење дворови, површини со бекатон-плочки и други површини
Повеќе од двојно зголемена потрошувачка на вода во шест населени места на територијата на Кочани регистрирале во текот на вчерашниот ден надлежните служби, информираа доцна синоќа од Општина Кочани, истовремено упатувајќи повик до граѓаните на одговорност и рационалност при користењето на водата.

Во објавата насловена „Итно соопштение“, од Општината известуваат дека енормно зголемена потрошувачка на вода е регистрирана во населените места Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци.
Имено, како што посочуваат оттаму, ако вообичаената потрошувачка изнесува околу 23 литри во секунда, вчера таа изнесувала и до 53 литри во секунда или повеќе од двојно, состојба која сериозно го оптоварува водоснабдителниот систем во општината.
Причината за ваквата состојба оттаму ја лоцираат во масовното користење на водата за наводнување тревници, бавчи и земјоделски култури, но и за миење дворови, површини со бекатон-плочки и други површини.
„Поради ваквата несовесна и неодговорна потрошувачка, високите зони веќе се соочуваат со сериозен недостиг на вода, а доколку потрошувачката не се намали, ќе биде загрозено редовното водоснабдување и во останатите населени места“,
се вели во соопштението.

Од Општината апелираа до сите граѓани веднаш да престанат со користење на водата за наводнување и миење дворови и други површини и предупредуваат дека доколку ваквата состојба продолжи, уште од денеска ќе бидат воведени рестрикции за несовесните корисници.
„Апелираме до сите жители да покажат одговорност и солидарност, бидејќи само со рационално користење на водата може да се обезбеди стабилно водоснабдување во сите населени места“,
порачуваат од Општината.
