Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам, а Фејзи и Хаки Азири за помагање во ова дело, наведе обвинителката Фатиме Фетаи во своите заврши зборови откако го прецизираше обвинението за случајот „Монструм“, кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година.
За еден обвинет, Сами Љута, таа побара ослободителна пресуда бидејќи нема докази.
„Во однос на Сами Љута, за нас како нови застапници, наводите беа спорни уште при преземање на предметот. Се работеше за дејствија кои добиле потврда од Основниот и од второстепениот суд и беше потребно по преземањето на предметот и напатствијата од Врховниот суд да се извлече сигурен заклучок за инволвираноста. Токму таквата анализа доведе до заклучок до кој верувам се убедени сите што го следеа овој судски процес. Нема докази со кои било исполнето делото тероризам ниту друго кривично дело. Од таа причина, се откажувам од обвинението“,
рече Фетаи барајќи за овој обвинет да се изрече ослободителна пресуда.
Обвинителката рече дека Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ по извршувањето на убиствата побегнале од местото на петкратното убиство кај Смилковско Езеро користејќи ја „опел омегата“ и се упатиле на договореното место кај автопатот, во близина на обиколницата, каде што ги чекал обвинетиот Хаки Азири.
Хаки Азири, според обвинението, знаел првично дека тројцата обвинети отишле да извршат некаква работа поради нерасчистени сметки, а потоа откако дознал што се случило, не кажал ништо. Фејзи Азири, пак, потоа помогнал во бегството.
„На Хаки Азири му било кажано само дека имаат некои нерасчистени сметки и добил напатствија каде да ги чека додека да ја завршат работат, а му кажале дека додека ги чека мобилниот телефон треба да му биде исклучен. Околу 18:30 го однел по Агим Исмаиловиќ кај станицата за последна ‘деветка’ во Топанско Поле, каде што била паркирана ’опел омегата‘ во која влегол обвинетиот Агим Исмаиловиќ, а Хаки отишол да ги чека на договореното место и околу 20 часот пристигнала ‘опел омегата’, обвинетите се качиле во возилото на Хаки, а при влегување на прашање на Хаки ’што бидна‘, Африм рекол ’направивме гомнарија, убивме човек‘. Иако дознал дека сториле убиство ги превезол во домот од каде што излегле од возилото, па од дознавање до заминување, ги криел и ги оддалечил од местото на настанот. Фејзи Азири, пак, иако знаел дека сториле убиства на повеќе лица со кои било создадено чувство на страв кај населението, организирал бегство на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Република Македонија во Косово“,
рече Фетаи.
Таа не ја исклучи можноста во иднина за овој настан да бидат гонети и други лица доколку такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои се во бегство.
„Доколку во иднина од исказите на Алил и Африм произлезе дека биле инволвирани и други лица, ќе почне кривична постапка со оглед дека гонењето за вакво кривично дело не застарува“,
рече обвинителката.
Меѓутоа, за да дојде до нивни исказ, тие прво треба да бидат екстрадирани.
Фетаи завршните зборови понатаму ги продолжи анализирајќи ги доказите што ги поврзуваат обвинетите со случајот.
Пред да го прецизира обвинението, во кое остана на делото тероризам, обвинителката го анализираше претходниот судски процес за овој случај и неговите недостатоци. Во завршните зборови рече дека не е утврдено кој од обвинетите со кое оружје пукал, но беше категорична дека убиствата се извршени од три огнени оружја и во детали објаснуваше каде биле нанесени прострелните раните на убиените четири момчиња и рибарот.
Претходно Фетаи ги побиваше и теориите кои рече сакаше да ги наметне одбраната и се појавуваа во јавноста, па така зборуваше дека не се точни наводите дека возилото „опел омега“ е на полицијата и било подметнато како доказ, дека убиствата биле извршени на друго место, дека загрозениот сведок е наместен, како и дека Трајко Вељаноски има некаква поврзаност со случајот бидејќи наводно неговите деца се познавале со жртвите.
Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, а во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени сите шестмина обвинети: Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.