Предизвици ќе има многу, но важно е да имаме континуитет во наставата, и тоа е поважно од сè. Вака министерката за образование и наука Мила Царовска го најави утрешниот почеток на новата учена година, кој годинава поради ковид-кризата е со еден месец одложување и со нов начин на настава – на далечина.
„Во овој краток период овој предизвик ниту беше лесен ниту останува лесен, но ние не бегаме од предизвиците туку се соочуваме со нив и ги надминуваме на најдобар можен начин. Оваа година ќе биде многу поразлична од другите години поради тоа што пандемијата и тектонски ги промени нашите животи, а со тоа во многу краток период целосно ќе се трансформира системот на образование и учење во нашата држава“,
рече Царовска.
Таа побара соработка меѓу родителите, учениците, наставниците, градоначалниците, како и експертската јавност за да има успешна учебна година. Повика на смиреност бидејќи, како што рече, секој дополнителен стрес ќе доведе до погрешна перцепција и вознемиреност кај децата.
Во однос на Националната платформа, Царовска рече дека вчерашниот тест на тимс-системот се покажал успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата според планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн, онака како што е планирано, додека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа кои сè уште не се активни.
„Ние имавме вкупно за тестирање три до четири дена и сметаме дека процесот на подготовка е успешен и тој тече во континуитет“,
додаде Царовска.
Продеканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, истакна дека факултетот ја презеде одговорноста да ја подготви платформата, при што за неполн месец ја постави инфраструктурата којашто е основата за развој на платформата.
Рече дека платформата тековно има околу 270 000 корисници, со креирани 150 000 предмети и тековно досега се најавиле околу 160 000 од корисниците.
Според него, платформата ќе може да го издржи оптоварувањето со голем број корисници и смета дека целата успешност не зависи само од платформата, туку и од системите и податоците што се во нив, а ќе има начин и можност за приклучување.