Неодоговорно е да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет, велат од Министерството за образование и наука
Бојкотот на група матуранти не оди никому во прилог и во овој случај целосно е неоправдан. Бојкотирање на оваа суштинска должност и одговорност е неприфатлива, реагираат од Министерството за образование и наука, откако Сојузот на средношколци порача дека од понеделник продолжува со бојкот на наставата и дека очекува јавна расправа и законски измени за државната матура.
„Министерството за образование и наука и Владата се должни и ќе ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 учениците коишто ја пријавија да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет. Неодоговорно е да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет. Учениците коишто не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит“,
се вели во соопштението на МОН.
Од таму велат дека државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија, а со тоа велат, беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите.
Потсетуваат дека се направени измени и во постојната концепција, односно воведени се два дополнителни изборни предмети- географија и информатика, и дека заедно со средношколците ја напраивиле проектната задача биде интересна за матурантите.
„Исто така, потсетуваме дека работна група во која учествуваат претсавници на средношколците и Државниот испитен центар ќе подготви целосно нова концепција за државна матура, која ќе се користи веќе од идната година и со ова за кратко време направен е голем исчекор кон подобрување на целиот концепт. Апелираме дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Министерството од самиот почеток прави се да не дозволи пандемијата да се одрази на развој и напредок на учениците. Свесни сме дека пандемијата донесе многу предизвици и промени, но тоа не смее да ги поколеба учениците и матурантите да продолжат да учат и да се надградувате“,
се вели во соопштението.
МОН вели дека останува партнер на учениците, матурантите, наставниците и родителите и дека отворено и заеднички ќе се дискутира за сите предизвици, но дека сега е потребен разум и прифаќање на состојбите.