Нашата амбасада останува во контакт со официјалните институции од каде се очекува наскоро да се добие и официјална писмена потврда за деталите од овој настан, велат од МНР
Министерството за надворешни работи (МНР) добило потврда дека тројца државјани на Северна Македонија се уапсени на грчкиот остров Миконос во акција за трговија со дрога.
„По објавените информации во медиумите, Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина оствари комуникација со официјални претставници на надлежните институции на грчкиот остров Миконос, од каде е добиена информација за тројца уапсени државјани на Северна Македонија (О.П, Г.П и Н. Т), осомничени за трговија со дрога. Амбасадата останува во контакт со официјалните институции од каде се очекува наскоро да се добие и официјална писмена потврда за деталите од овој настан“,
соопштија од МНР.
Како што веќе е познато од објавите во грчите медиуми, станува збор за 21-годишна девојка О.П., додека другите двајца уапсени се мажи на возраст од 34 и 35 години.
Грчките медиуми ја опишаа уапсената девојка како позната инфлуенсерка чиј татко е политичар, а мајка адвокатка. Фотографиите кои ги објавија тие, може да се пронајдат и на профилот на Инстаграм на девојката.
Нејзиното име и презиме ѝ се познати на редакцијата на „360 степени“, а се обидовме да стапиме во контакт и со нејзиниот татко кој функциите пратеник и градоначалник ги напушти пред 13 односно девет години. Но, до овој момент не добивме одговор од политичарот.