Покрај девојката, грчките власти уапсиле уште две лица од групата. Двајцата се македонски државјани: едниот е 34-годишник од Скопје кој бил и лидер на групата, а другиот е 35-годишен маж. Уапсен е и еден либиски државјанин кој се претставил дека е нивен клиент
Уапсената 21-годишна Македонка на грчкиот остров Миконос како дел од организација која продавала кокаин и екстази е ќерка на поранешен пратеник и градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за девојка која грчките медиуми ја опишаа како позната инфлуенсерка од земјава, чиј татко е политичар, а мајка адвокатка. Фотографиите кои ги објавија тие од уапсената девојка може да се пронајдат и на профилот на Инстаграм на девојката.
Нејзиното име и презиме ѝ се познати на редакцијата на „360 степени“, а се обидовме да стапиме во контакт и со нејзиниот татко кој функциите пратеник и градоначалник ги напушти пред 13 односно девет години. Но, до моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор од политичарот.
Покрај девојката, грчките власти уапсиле уште две лица од групата. Двајцата се македонски државјани: едниот е 34-годишник од Скопје кој бил и лидер на групата, а другиот е 35-годишен маж.
Уапсено е и четврто лице-државјанин на Либија кој, според грчкиот весник „Прототема“, живеел во Атина и потекнува од ситуирано семејство. Станува збор за диџеј, кој по апсењето на полицијата ѝ се претставил дека е клиент на групата од Скопје.
Апсењето на групата се случило во средата. Уапсените, според грчките власти, биле организирани во криминална група, со конкретни улоги. Покрај лидерот, останатите членови биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници.
Според соопштението на грчката полиција, кое го пренесе и дописничката на МИА од Атина, во акцијата биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис. Освен дрогата, биле одземени и три мобилни телефони, 2 370 евра, како и мотор со кој ја пренесувале дрогата.