Од Министерството велат оти јавната набавка е во целост спроведена со важечките закони и процедури и додаваат оти проектот за изградба на натстрешницата над рамната тераса на објектот бил првично планиран за реализација во 2022 година со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување при секој пообилен дожд
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и ресорниот министер Тимчо Муцунски ги отфрлија како невистините информациите кои денеска на прес-конференција ги изнесе портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, а се однесуваат на изградбата на кровната конструкција над зградата на Министерството.

Велат оти јавната набавка е во целост спроведена со важечките закони и процедури и додаваат оти проектот за изградба на натстрешницата над рамната тераса на објектот бил првично планиран за реализација во 2022 година со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување при секој пообилен дожд.
„Изработката на основниот проект започна кон крајот на 2022 година, а буџетските средства беа обезбедени во 2023 година. Сепак, поради претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и обемните обврски на Министерството, вклучително и организацијата на Министерскиот совет во ноември 2023 година, изградбата беше одложена за 2024 година. Со оглед на парламентарните избори во 2024 година, проектот беше дополнително пролонгиран за втората половина од годината, со делумно финансирање од редовниот буџет за 2024 година, додека преостанатиот дел ќе се реализира во 2025 година. По завршувањето на градежните активности, во буџетот за 2026 година се предвидени средства за поставување фотоволтаични панели, во согласност со заложбите за енергетска ефикасност и одржлив развој“,
велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Посочуваат оти проектот нема никаква поврзаност со „Скопје 2014“, како што обвини СДСМ, и посочуваат дека единствената цел е санација на објектот за во иднина да се превенираат поплави и оштетувања на зградата.
Министерството за надворешни работи ги повика надлежните институции да постапат доколку постои сомнеж за евентуално незаконско постапување во конкретниот случај, а СДСМ го повикаа јавно да се извини за, како што велат, изнесените дезинформации. Министерот Тимчо Муцунски и лично повика СДСМ и портпаролката Богданка Кузеска да се извинат во рок од 24 часа за ширење лажни информации и манипулирање со јавноста.
„Доколку тоа не се случи, ќе бидам принуден да преземам соодветни правни чекори, вклучително и граѓанска постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот. Беа изнесени целосно невистинити информации поврзани со мене како министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и со институцијата со која раководам. Дополнително, манипулативен и тенденциозен обид за политичка дискредитација претставува моето лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, вклучително и органи на локалната самоуправа, што е неоснована и злонамерна конструкција“,
реагира министерот Тимчо Муцунски.